Компаниите формирани од АД ЕСМ активно работат на подготовките за претстојната грејна сезона, која започнува на 15 октомври. Во тек се активности на производствените капацитети и дистрибутивниот систем со цел да се обезбеди сигурно и непречено снабдување со топлинска енергија.
Во тој контекст, соработката со потрошувачите е од суштинско значење за навремено и квалитетно снабдување со топлинска енергија. Во пресрет на новата грејна сезона, се повикуваат нашите корисници да ги завршат сите потребни проверки и поправки на внатрешните грејни инсталации пред почетокот на грејната сезона, бидејќи редовното одржување на внатрешните грејни инсталации е нивна обврска. Затоа е препорачливо тие навремено да извршат проверки и да ги завршат започнатите интервенции во најкус можен рок, и тоа да го пријават во Центарот за грижа за потрошувачи. На тој начин придонесуваат испораката на топлинска енергија од системот за централно греење да се одвива непречено и навремено.
Исто така, важно е заедниците на сопственици да овозможат пристап на службените лица до топлинските потстаници во објектите и да обезбедат непречено електрично напојување во топлинската станица (платени сметки за електрична енергија за топлинската станица и функционална електрична инсталација).
Навременото и квалитетно снабдување со топлинска енергија е од витално значење за комфорот на нашите потрошувачи. Затоа, апелираме да ги следат препораките и да соработуваат со службените лица за да се обезбеди непречено функционирање на системот за централно греење.
За информации или пријави на дефекти и завршени интервенции, потрошувачите може да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100.
Сите права се задржани. ЕСМ снабдување со топлина 2022