Често поставувани прашања

1. Во кој период од годината се врши снабдување со топлинска енергија?

Снабдувањето со топлинска енергија по правило се врши во периодот од 15 октомври во тековната, до 15 април во наредната календарска година.

Снабдувањето со топлинска енергија на потрошувачите може да

  • почне и пред 15 октомври, но не и пред 1 октомври
  • продолжи по 15 април, но не подоцна од 30 април


доколку прогнозираната средна надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12 ˚С, според податоците од Управата за Хидрометеоролошки работи на Република Северна Македонија. Конечната одлука за испорака на топлинска енергија во деновите пред 15 октомври и по 15 април ја донесува Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ.

2. Кои се главните обврски на потрошувачот?

Главни обврски на потрошувачот се:

  • Да потпише договор за снабдување со топлинска енергија,
  • Да ја одржува техничката и функционалната исправност на грејната инсталација,
  • Да ги плаќа фактурите за греење.
3. Зошто е потребно потрошувачот да склучи договор за снабдување со топлинска енергија?

Со цел, регулирање на меѓусебните права и обврски помеѓу Снабдувачот и потрошувачот, согласно законските и подзаконските акти, неопходно е потрошувачите да потпишат Договор за снабдување со топлинска енергија во нашите Пунктови за потрошувачи.

4. Од што се состои надоместокот на мерното место?

Надоместокот на мерното место се состои од

  • надомест за ангажирана топлинска моќност (фиксен дел) и
  • надомест за потрошена топлинска енергија (варијабилен дел).
5. Од што зависи потрошената топлинска енергија?

Потрошувачката на топлинска енергија во објектот, зависи од повеќе фактори :

  • надворешните климатските услови и температури,
  • термичките карактеристики на објектот (изолација, прозори),
  • внатрешната температура (висока температура во просториите кои се греат значи поголема потрошувачка на топлинска енергија и висока фактура за греење),
  • топлинската моќност во објектот.

 

Со примена на одредени мерки за енергетска ефикасност во објектите, може да се влијае на потрошувачката на топлинска енергија и да се остварат значајни финансиски заштеди и еколошки придобивки, а истовремено да се подобри и комфорот на греењето во објектот.

6. Како се врши задолжувањето на потрошувачите од категоријата домаќинства (станбените потрошувачи)?

Задолжувањето со надоместокот за топлинска енергија на мерно место за категорија домаќинства се врши на 12 месечни рати. По исклучок и со поднесување на писмена изјава, потрошувачите можат да се задолжуваат со надоместокот на 8  месечни рати.

Потрошувачите кои го плаќаат надоместокот за топлинска енергија во 12 месечни рати се задолжуваат со авансни фактури во периодот од август до април, додека во месеците мај, јуни и јули добиваат порамнителни фактури со кои се врши израмнување на задолженијата согласно авансно фактурираниот износ во периодот од август до април и потрошената топлинска енергија во грејната сезона (односно од октомври до април).

Авансната фактура се дефинира со пресметка во која како податок учестува:

  • прогнозирана потрошувачка на топлинска енергија за тековната грејна сезона (прогнозирана надворешна температура и часови)
  • прогнозирани параметри за ангажираната топлинска моќност и грејна површина на објектот
  • важечките тарифни ставови за ангажирана топлинска моќност и топлинска енергија

 

Потрошувачите кои го плаќаат надоместокот за топлинска енергија во 8 месечни рати, се задолжуваат со авансни фактури во периодот од октомври до април, додека со фактурата за месец мај, се врши израмнување на задолженијата согласно авансно фактурираниот износ во периодот од октомври до април и потрошената топлинска енергија во грејната сезона (односно од октомври до април).

7. Зошто некои потрошувачи добиваат повисоки порамнителни фактури?

Повисоки порамнителни фактури може да се добијат од следниве причини:

  • Пониска надворешна температура во текот на грејната сезона споредено со прогнозираната која се користи при изготвување на авансите фактури
  • Поголем број на грејни денови во тек на грејната сезона од прогнозираните во авансните фактури
  • Прегревање на објектот – Повисока температура во просторот значи и поголема потрошувачка на топлинска енергија, што е правопропорционално со големината на порамнителната фактура.
8. Како се врши задолжувањето на потрошувачите од категоријата останати?

Задолжувањето на потрошувачите од категорија останати се врши на 7 или 12 месечни рати.

Потрошувачите кои што се задолжуваат во 7 месечни фактури, надоместокот за ангажирана топлинска моќност (фиксен дел) и надоместокот за топлинска енергија (променлив дел) го плаќаат со фактурите од месец октомври во тековната година до месец април во наредната година. Кај овој начин  задолжувањето со надоместокот за ангажирана топлинска моќност и надоместок за топлинска енергија на мерно место е еднакво со реалниот надоместокот за ангажираната топлинска моќност и реалната потрошувачка регистрирана на мерилото во топлинската потстаница за тековните месеци во грејната сезона.

Потрошувачите кои што се задолжуваат во 12 месечни фактури, добиваат фактури во период од август тековната година до јули наредната година.

Кај овој начин на задолжување, во периодот од август до април, се изготвуваат фактури за авансен надоместок за ангажирана топлинска моќност (фиксен дел), додека надоместокот за топлинска енергија (променлив дел) се пресметува на 7 рати односно според реалната потрошувачка регистрирана на мерилото во топлинската потстаница во тековната грејна сезона (односно во период од октомври до април). Со фактурите за месеците мај, јуни и јули се врши порамнување на реалниот надоместокот за ангажирана топлинска моќност(фиксен дел) во грејната сезона и фактурираниот износ за авансен надоместок за ангажирана топлинска моќност(фиксен дел) од август до април.

9. Што доколку потрошувачот ја нема добиено фактурата?

Доколку потрошувачот од која било причина најкасно до 15 во тековниот месец не добие фактура за претходниот месец, должен е истата да ја побара од Снабдувачот, во спротивно ќе се смета дека истата му е навремено доставена.

Фактурата е потребно да се плати до валутата (рокот на плаќање) определен на самата фактура.

10. Каква е процедурата во случај кога температурата во станот е помала од 20°C?

Ако во станот или деловниот простор има проблем со греењето, потрошувачот тоа треба да го пријави во Центарот за грижа на потрошувачи. По пријавата, стручно лице ќе направи  проверка и соодветно ќе интервенира или ќе го информира потрошувачот за проблемот како и за тоа што е потребно потрошувачот да преземе, со оглед на тоа дека одржувањето на внатрешната грејна инсталација е обврска на потрошувачите.

Доколку потрошувачот по преземената интервенцијата повторно е незадоволен од квалитетот на греење, може да поднесе приговор или барање за проверка на квалитет на греење (Формулар) во Пунктовите за потрошувачи на компанијата.

По поднесен приговор или барање, Снабдувачот ќе постапи согласно Правилникот за утврдување на квалитетот на испорачана топлинска енергија и врз основа на утврдената состојба доколку постои основ ќе донесе Решение за кофициентот за корекција на фактурите за топлинска енергија, за тековната грејна сезона.

11. На која собна температура се загреваат просториите?

Согласно регулативата, во текот на грејната сезона снабдувачот има обврска да обезбеди минимална температура од 20+1º C во грејните простории во времето од 06:00 до 22:00 часот во текот на денот, при потполно отворени радијаторски вентили, во објекти во кои не е нарушен енергетскиот биланс и внатрешната грејна инсталација е технички и функционална исправна.

 

Нарушен енергетски биланс е состојба кога во објектот има потрошувачи кои ја редуцирале потрошувачката на топлинска енергија, поради што температурите кај истите се пониски од проектните и има зголемени топлински загуби кај останатите потрошувачи во објектот во однос на термотехничкиот проект, а кои не можат во целост да се надоместат со температурен режим на испорака на топлинска енергија, преку топлинска подстаница.

12. Дали може да се зголеми или намали собната температура во објектите?

Зголемување или намалување на собната температура може да се изврши во колективните станбени објекти единствено по барање на Управителот или Заедницата на сопственици доставено по електронска пошта или во архива на компанијата. Во случај кога од иста топлинска подстаница се снабдуваат делови од објектот со различни управители или заедници на сопственици, барањето за промена на режимот и нивото на испорака на топлинска енергија на мерното место, се врши со писмена согласност од сите управители или заедници на сопственици.

При тоа потрошувачите треба да имаат предвид дека зголемувањето на собната температура, централно, од потстаницата, ќе резултира со зголемени фактури за греење, а тоа нема да е решение на локалните проблеми со недоволно греење на одредени локации во објектот. За функционален систем за греење неопходно е редовно одржување на внатрешната грејна инсталација.

Со намалување на собните температури можат да се елиминираат појавите на непотребно прегревање на објектот и да се намалат трошоците за топлинска енергија на ниво на целиот објект, а притоа да се задржи оптимален комфор во согласност со законски пропишаните температури.

Потрошувачите во индивидуалните станбени објекти, кои имаат пристап до своите топлински станици  самостојно го регулираат греењето согласно потребите.

13. Зошто моите радијатори не се “жешки”?

Единствен критериум за квалитетот на греењето е собната температура, а не колку се радијаторите загреани.

Температурата на водата во нив се регулира автоматски во топлинската станица, во зависност од температурата на надворешниот воздух. Кога надвор е поладно, потребата за греење на објектот е поголема, па радијаторите се позагреани. Обратно, на потопло, потребно е пропорционално помалку топлинска енергија, за одржување на постојана собна температура.

14. Имам проблем со греењето. Каде да се обратам и кој треба да интервенира?

Проблемот треба да го пријавите во Центарот за грижа на потрошувачи и наша екипа ќе дојде да провери дали станува збор за проблем во топлинската станица или локален проблем, на едно или повеќе грејни тела (во станот или локалот), и соодветно ќе интервенира или ќе Ве информира каде точно е проблемот и што можете понатаму да преземете, со оглед на тоа дека одржувањето на внатрешната инсталација е ваша обврска.

15. Плаќам редовно, а немам греење кога надвор малку ќе се стопли. Зошто?

Снабдувачот е должен во периодот од 06-22 часот да ви ја одржува пропишаната внатрешна температура од 20+1 °С. Времето на испорака на топлинска енергија зависи од надворешните услови. Во најладните месеци е најдолга испораката, додека пак во потоплите месеци топланите работат со дневни прекини кога е висока надворешната температура. Условите (надворешна температура, временски услови и сл.) при кои се врши испорака и прекин на работата на топланите се детално објаснети во Мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија за греење.

Земајќи предвид дека потрошувачката на топлинска енергија се регистрира на мерилото во топлинската станица и дека според неа се изготвуваат сметките за греење, јасно е дека колку повеќе се греете, толку повеќе плаќате. Периодите кога немате греење (пример кога системот е исклучен на високи надворешни температури), на мерилото не се регистрира енергија, односно сметката која ја плаќате е само за потрошената топлинска енергија. Свесни сме дека има потрошувачи кои би сакале да грееме без прекин, но секако дека има и такви кои се против тоа и сакаат да заштедат повеќе.

Сведоци сме за порастот на цените на горивата и енергијата низ целиот свет. Затоа, сите ние мора да посветуваме повеќе внимание на енергетската ефикасност на објектите и инсталациите, односно на разумното користење на енергијата. Во тој контекст, непрекинато греење на високи надворешни температури (кога е непотребно), ќе значи повисока собна температура од пропишаната и повисока сметка за сите корисници. Токму затоа, постојат технички прописи кои го регулираат ова прашање.

16. Зошто немам греење заради дефект во внатрешна инсталација на друг корисник? Треба да се загревам на струја, а плаќам за парно.

Доколку кај некој корисник се јави течење на внатрешната грејна инсталација, а истото не може да се изолира, потребно е да се затвори топлинската станица и да се испразни водата од инсталацијата за да се спречи поголема штета.

Внатрешната грејна инсталација е заедничка за сите или за дел од потрошувачите (таму каде има повеќе топлински станици) во еден објект. Радијаторите се поврзани преку систем на цевководи со топлинската станица и затоа кога таа е затворена, ниту еден потрошувач нема греење.

Во периодите кога заради ваков дефект потрошувачите немаат греење, објектот не троши енергија.

Инсталацијата се полни кога потрошувачот, од каде било пријавено течењето, пријави во Центарот за грижа на потрошувачите дека дефектот е отстранет.

17. Зошто немам греење кога нема струја до топлинската станица?

Пумпите во топлинските станици служат за да се обезбеди циркулација на топлата вода низ внатрешната грејна инсталација на објектите.

Тие не можат да работат кога нема довод на електрична енергија до топлинската станица.

Согласно Мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија, донесени од Регулаторната комисија за енергетика, станарите се должни да ја доведат електричната енергија до топлинската станица, односно да ги отстранат евентуалните дефекти и да ги плаќаат трошоците за потрошувачката на електрична енергија.

18. Течење! Што да правам?

Појава на знаци на течење и истекување на вода од внатрешната грејна задолжително пријавете го  во  Центарот за грижа на потрошувачи на телефонските броеви 02/3076-200 и 075-400-100 со избирање на опција 1.

Во најкраток можен рок дежурната екипа на ЕСМ Снабдување ќе го запре течењето.

Санирањето на дефектот на внатрешната грејна инсталација, согласно регулативата е во надлежност на потрошувачите и за тоа е потребно да ангажирате компании или стручни лица кои се занимаваат со сервис на внатрешна грејна инсталација.

19. Сакам да се испразни водата од објектот. Што треба да направам?

Празнење на водата од грејната инсталација на објектот се врши по поднесено барање од страна на потрошувачот, сопственик на посебен дел од објектот во еден од Пунктовите за потрошувачи на компанијата. При поднесување на барањето, потрошувачот е потребно да прикаже на увид документ за идентификација. Трошоците поврзани со услугата за празнење на водата од грејната инсталација се обврска на потрошувачот. Доколку сопственикот на имотот не е во можност лично да дојде во Пунктот за потрошувачи, може да ополномошти друго лице, кое во негово име ќе ги потпише потребните документи.

      Службите на ЕСМ Дистрибуција го вршат празнењето на водата од грејната инсталацијата, во термин договорен со подносителот на барањето. Во текот на грејната сезона, ваквите активности по правило се вршат навечер, по прекин на работата на топланите, со цел да не се наруши испораката на топлинска енергија кај останатите потрошувачи во објектот. По завршување на интервенцијата, потрошувачот е должен тоа да го пријави во Центарот за грижа на потрошувачи, со цел службите на ЕСМ Дистрибуција да ја наполнат грејната инсталација со вода.

Дефинирани се рокови за држење на грејната инсталација без вода, и тоа:

  • во период од 01.05. – 30.09. ограничувањето е 7 дена, но не подоцна од денот на почетокот на грејната сезона;
  • во период од 01.10. – 30.04. грејната инсталација може да се држи без вода само во временскиот период кога топланите не испорачуваат топлинска енергија;
20. Живеам во станбен објект. Чии се цевките (вертикалите) кои поминуваат низ мојот стан? Дали може да ги исечам ако не се грејам на парно?

Во колективните станбени објекти важат одредени правила на заедничкото живеење. Согласно Законот за домување, составен дел од станбените згради и заедничка сопственост на сите станари се меѓудругото, заедничките инсталации, уреди и опрема. Значи, вертикалите не се ваша сопственост, туку заедничка сопственост на станарите. Доколку ги исечете вертикалите во вашиот стан, што е недозволено и е казниво согласно Законот за домување, директно ќе бидат погодени потрошувачите кои се снабдуваат со тие вертикали.

21. Како можам да го приклучам станот или деловниот простор на системот за централно греење?

За потрошувач, правно или физичко лице, сопственик на посебен дел од објектот, кој го приклучува станот или деловниот простор на системот за централно греење постојат различни постапки за приклучување во зависност од тоа дали е:

  • Нов потрошувач во објект кој веќе е приклучен во системот за греење
  • Нов потрошувач во објект кој никогаш не бил приклучен во системот за греење
22. Како да го приклучам станот или деловниот простор во објект кој веќе е приклучен во системот за греење?

Потрошувачот, правно или физичко лице, сопственик на посебен дел од објектот, кој сака да го приклучи станот или деловниот простор на системот за централно греење во објект кој веќе е приклучен на системот за греење и во кој се испорачува топлинска енергија, потребно е да ги поднесе следните документи во еден од нашите Пунктови за потрошувачи

 

  • Барање за приклучување на системот за топлинска енергија (Формулар)
  • документ за идентификација
  • документи со кој се докажува сопственоста на посебен дел од објектот кој е предмет на приклучување како имотен лист или купопродажен договор
  • Договор за снабдување со топлинска енергија

Трошоците поврзани со постапката за приклучување се обврска на потрошувачот.

Доколку сопственикот на имотот не е во можност лично да дојде во Пунктот за потрошувачи, може да ополномошти друго лице, кое во негово ќе ги потпише потребните документи за приклучување на системот за централно греење.

23. Како да да го приклучам станот или деловниот простор во објект во објект кој никогаш не бил приклучен во системот за греење

Пред се, потребно е објектот да се приклучи кон мрежата за дистрибуција на топлинска енергија.

Приклучување и пристап на објект кон дистрибутивната топловодна мрежа не е обврска на идниот потрошувач како поединец, туку тоа е обврска на инвеститорот, сопственикот на објектот или заедницата на сопственици или управителот.

По завршување на постапката за приклучување и пробно греење на објектот, сите станови и деловни простори се приклучени на системот за централно греење. 

Секој сопственик на посебен дел од објектот станува потрошувач и е должен да склучи договор за снабдување со толинска енергија. Слкучувањето на договор може да го направите во еден од нашите Пунктовите за потрошувачи со поднесување на следните документи:

  • документ за идентификација
  • документи со кои се докажува сопственоста на посебен дел од објектот како имотен лист или купопродажен договор

Ако сопственикот на имотот не е во можност лично да дојде во Пунктот за потрошувачи, може да ополномошти друго лице, кое во негово име ќе потпише договор за снабдување. Доколку потрошувачот од било кои причини не сака да користи топлинска енергија може да изврши исклучување од централниот систем за греење согласно регулативата.

24. Дали можам да се исклучам од системот за централно греење?

Потрошувачот приклучен на системот за централно греење и кој од било кои причини не сака да користи топлинска енергија може да изврши:

  • исклучување на индивидуалниот објект од системот за дистрибуција на топлинска енергија
  • поединечно исклучување или поединчено времено исклучување на посебен дел од објектот од системот за централно греење во колективни објекти каде распределбата на надоместокот се врши преку еден мерен уред на влез во топлинска подстаница
25. Што треба да направам за да исклучам индивидуален објект од системот за централно греење?

Исклучувањето на индивидуалниот објект  се врши со писмено барање (Формулар) на сопственикот односно потрошувачот поднесено до снабдувачот со топлинска енергија. Сопственикот со документ за идентификација пополнува и потпишува образец за исклучување во некој од Пунктовите за потрошувачи. Доколку сопственикот на имотот не е во можност лично да дојде во Пунктот за потрошувачи, потребно е да ополномошти  друго лице, кое во некого име може да го потпише потребниот образец за исклучување од системот за централно греење.

Трошоците поврзани со постапката за исклучување се обврска на потрошувачот. Исклучување на затоплуваниот простор на потрошувачот може да се изврши во било кое време, по барање на потрошувачот во рок не подолг од 30 дена од поднесување на барањето. Потрошувачот се смета дека е прописно исклучен од дистрибутивниот систем кога грејната инсталација е физички одвоена од системот за дистрибуција и пломбирана.

26. Што треба да направам за поединечно да исклучам стан од системот за централно греење?

Поединечното исклучување се врши по барање на сопственикот, поднесено до снабдувачот со топлинска енергија, ако :

  • сопственикот обезбеди писмена согласност за исклучување од системот за централно греење со мнозинство од вкупниот број сопственици на посебни делови на зградата согласно со Законот за домување.
  • сопственикот треба да ги подмири сите доспеани обврски спрема снабдувачот по основ на испорачана топлинска енергија и трошоци за исклучување
  • сопственикот поседува проект за греење со кој ќе се предвиди алтернативен систем за греење кој што ќе се користи по исклучувањето и истиот да обезбедува подобри енергетски перформанси, односно е поефикасен и еколошки поприфатлив и го намалува користењето на примарна енергија во споредба со системот за централно греење на којшто е приклучен, земајќи ја предвид енергијата потребна за екстракција, конверзија, транспорт и дистрибуција
  • има ангажирано инженер со овластување за проектирање од областа на енергетската ефикасност или друг соодветен инженер со овластување за изработка на проектна документација за греење, за изготвување на проектот за греење,
  • да достави до снабдувачот проектот за греење со барање за негово одобрување и реализирање

 

Снабдувачот одлучува по барањето за одобрување на проектот со решение во рок од 15 дена од денот на доставување. Ако снабдувачот го одбие барањето за одобрување на елаборатот за енергетска ефикасност, потрошувачот има право против решението на снабдувачот да поднесе приговор до Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ

По добиено одобрување од снабдувачот, сопственикот на посебниот дел

  • пристапува кон изведба на работите во проектот за греење
  • ангажира енергетски контролор кој што изготвува извештај за енергетска контрола со кој се докажува дека изведениот систем за греење обезбедува подобри енергетски перформанси, односно е поефикасен и еколошки поприфатлив и го намалува користењето на примарна енергија во споредба со системот за централно греење на којшто е приклучен, земајќи ја предвид енергијата потребна за екстракција, конверзија, транспорт и дистрибуција
  • го информира снабдувачот и ја приложува целокупната документација за спроведената постапка за исклучување од системот за централно греење .

По спроведувањето на постапката, снабдувачот донесува решение со кое се усвојува или одбива барањето за исклучување од системот на централното греење. Сопственикот на кого му е издадено решението за исклучување на стан ќе треба да го плаќа фиксниот дел од вкупниот надоместок за топлинска енергија се додека не поднесе барање за ослободување од оваа обврска.

27. Што треба да направам за времено да исклучам стан/деловен простор од системот за централно греење?

Потрошувачот односно сопственикот, во Пунктовите за потрошувачи, потребно e да достави

При доставување на барањето потребно е да се платени сите доспеани обврски спрема снабдувачот по основ на испорачана топлинска енергија и трошоци за исклучување .

Во рок од 15 дена од денот на доставувањето на комплетното барање се носи решение за усвојување на барањето. Решението за усвоено барање се однесува само за една грејна сезона.

Сопственикот или ополномоштено лице со документ за идентификација пополнува и потпишува образец за исклучување во некој од Пунктовите за потрошувачи. Трошоците поврзани со постапката за исклучување се обврска на потрошувачот.

Сопственикот/потрошувачот кој времено ќе се исклучи од системот за централно греење треба да го плаќа фиксниот дел од вкупниот надоместок за топлинска енергија.

По завршување на грејната сезона, најдоцна до 31 мај, сопственикот кој времено се исклучил од системот за греење има обврска да достави фактури за потрошена електрична енергија за периодот за кој е издадено решението. Во периодот за кој е издадено решение за времено исклучување од системот за централно греење, просечната потрошувачка на електрична енергија на месечно ниво не треба да надминува 50 kwh. Доколку сопственикот/ потрошувачот не ги достави фактурите за електрична енергија до снабдувачот или од фактурите за потрошената електрична енергија се утврди дека е надминат поставениот праг за просечна месечна потрошувачка на електрична енергија, снабдувачот носи решение, со кое ќе го задолжи сопственикот/ потрошувачот да го уплати варијабилниот дел од вкупниот надоместокот за грејната сезона.

28. Зошто неприклучен потрошувач во колективен станбен објект добива фактура?

Согласно регулативата сопственикот на стан во колективни објекти каде распределбата на надоместокот се врши преку еден мерен уред, а кој не е приклучен на системот за централно греење има обврска да го плаќа фиксниот дел од вкупниот надоместок за топлинска енергија.

29. Што треба да направи неприклучен потрошувач за да се ослободи од обврската за плаќање на месечен надоместок за ангажирана топлинска моќност?

Сопственикот на посебен дел во станбени, станбено-деловни, деловно-станбени и деловни објекти каде распределбата на надоместокот се врши преку еден мерен уред, а кој не е приклучен на системот за централно греење има обврска да го плаќа фиксниот дел од вкупниот надоместок за топлинска енергија кој се определува согласно Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија.

Од обврската за плаќање на фиксниот дел од надоместокот за топлинска енергија се ослободува сопственикот на посебниот дел кој не е приклучен на системот за централно греење ако  подне барање за ослободување (формулар изготвен од снабдувачот и одобрен од РКЕ), приложи предвидени валидни документи во еден од Пунктовите за потрошувачи и го исполнува некој од  следните услови

  • Сопственикот на посебен дел живее во него и кај снабдувачот кон барањето за ослободување како доказ приложи валиден документ (лична карта на сопственикот или член на неговото потесно семејство кој живее во станот на увид, имотен лист не постар од 30 дена од денот на поднесување на барањето и седум последни сметки за потрошена електрична енергија во грејна сезона, при што вкупната потрошувачка на електрична енергија во периодот од 1 октомври до 30 април треба да е поголема од 1500 kWh)
  • Сопственикот на посебен дел го наследил, добил на подарок или го стекнал по друг правен основ и кај снабдувачот кон барањето за ослободување како доказ приложи валиден документ (лична карта на увид, имотен лист не постар од 30 дена од денот на поднесување на барањето и седум последни сметки за потрошена електрична енергија во грејна сезона, при што вкупната потрошувачка на електрична енергија во периодот од 1 октомври до 30 април треба да е поголема од 1500 kWh),
  • Сопственикот на посебен дел го дава на користење и кај снабдувачот кон барањето за ослободување како доказ приложи валиден документ и тоа:
    • за корисник физичко лице (лична карта на корисникот на објектот на увид, имотен лист не постар од 30 дена од денот на поднесување на барањето, договор за закуп заверен на нотар и седум последни сметки за потрошена електрична енергија во грејна сезона, при што вкупната потрошувачка на електрична енергија во периодот од 1 октомври до 30 април треба да е поголема од 1500 kWh),
    • за корисник правно лице (имотен лист не постар од 30 дена од денот на поднесување на барањето, договор за закуп заверен на нотар и седум последни сметки за потрошена електрична енергија во грејна сезона, при што вкупната потрошувачка на електрична енергија во периодот од 1 октомври до 30 април треба да е поголема од 1500 kWh)

Снабдувачот е должен во рок од 15 дена од денот на уредно доставеното барање за ослободување од сопственикот на посебниот дел, да донесе да решение со кое се уважува или одбива барањето за ослободување. Ако снабдувачот не го ослободи од обврската за плаќање на фиксниот дел од надоместокот за топлинска енергија, сопственикот на посебен дел има право да поднесе приговор до Регулаторната комисија за енергетика.

Снабдувачот има право да врши периодична контрола на сопствениците на посебни делови кои што веќе добиле ослободување и да изврши промена на нивниот статус со донесување на решение, доколку при контролата утврди дека не се исполнети условите. Потрошувачот има право против решението на снабдувачот, да поднесе приговор до Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ.

Сите права се задржани. ЕСМ снабдување со топлина 2022