Помина еден месец како што започна грејната сезона и компаниите во рамки на ЕСМ, согласно обврската од лиценците ги извршуваат енергетските дејности производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија. Испораката на топлинска енергија преку системот за централно греење до објектите од почетокот на грејната сезона се одвива непречено.
Ја известуваме јавноста и потрошувачите дека ЕСМ Снабдување со топлина интензивно работи на подготовка на сметките-фактурите за топлинска енергија за месец октомври. Потрошувачите ќе ги добијат фактурите во следниот период со мало задоцнување, во однос на датумот кога претходно вообичаено ги добивале истите поради потребните технички подготовки за нивна изработка и истите ќе имаат соодветен рок за плаќање.
Во рамки на подготовките на фактурите се одвиваат и подготовки на постапката за префрлање на податоците на потрошувачите, со што тие ќе се префрлат од претходниот снабдувач со топлинска енергија на сегашниот, ЕСМ Снабдување, во законски определена процедура согласно Законот за заштита на личните податоци.
Од претходниот Снабдувач со топлинска енергија ќе се преземе целокупната база на податоци потребна за изработка на фактурите, вклучително и личните податоци на потрошувачите на централниот систем за греење како и сопствениците на станови и деловни простории лоцирани на подрачјето на општините каде ЕСМ Снабдување има лиценца.
Правниот основ за преземање на целокупната база на податоци вклучително и личните податоци за потрошувачите потребни за вршење на дејноста Снабдување со топлинска енергија произлегува од нужноста за обезбедување на континуитет во вршењето на дејноста и заштита на јавниот интерес согласно обврската за вршење јавна услуга од Законот за енергетика
Сакаме да напоменеме дека независно од постапката за преземање на податоците, секој потрошувач потребно е да се склучи Договор за снабдување со топлинска енергија заради регулирање на потрошувачкиот однос со снабдувачот, а тоа е утврдено во Правилата за снабдување со топлинска енергија. Потенцирам дека не е правно возможно преземање на договори со претходниот снабдувач, односно потребно е да се склучат нови договори. Досега, во ЕСМ Снабдување склучени се 11200 Договори за снабдување со топлинска енергија со потрошувачите. Времето на задржување на потрошувачите во пунктовите е значајно намалено откако електронскиот образец на Договорот за снабдување со топлинска енергија е поставен на веб страницата на АД ЕСМ и на официјалните канали на социјалните мрежи, со оглед натоа што документот сега се предава веќе пополнет од нивна страна.
Во следниот период ЕСМ Снабдување, по достава на фактурите за топлинска енергија, до потрошувачите кои сеуште не потпишале договор ќе го достави образецот на Договорот за снабдување со топлинска енергија на нивната адреса, по што истиот ќе треба да го предадат потпишан од нивна страна во Пунктовите на ЕСМ Снабдување.
ЕСМ Снабдување со топлина ќе им овозможи на граѓаните соодветен временски период за регулирање на обврската, и во тој период греењето непрекинато ќе се испорачува.
Во врска со начините на плаќање на фактурите во ЕСМ Снабдување, јавноста дополнително ќе ја известиме за сите детали, но во овој момент би напоменале дека интензивно се подготвуваме потрошувачите да ги имаат сите можности кои ги имале кај претходниот снабдувач како услугата електронска фактура, услугата брзо плаќање и EPAYуслугата.
Така, потрошувачите кои имаат склучено договор за наплата на фактурите за топлинска енергија преку траен налог, од матичната банка ќе добијат инструкции за постапување.
Оние кои плаќаат преку електронско банкарство, во зачуваните шаблони односно ПП налози за плаќање ќе биде потребно да ја проверат и ако има потреба и да извршат промена на жиро-сметката од претходниот Снабдувач и да ја внесат таа на ЕСМ Снабдување која ќе им биде доставена со фактурите.
За потрошувачите на ЕСМ Енергетика ве известуваме дека фактурите кои доцнеа поради примена на финансиската подршка од Владата на РСМ за надоместување на разликата на цена на топлинската енергија, веќе се дистрибуираат за месец август и септември и истите ќе имаат соодветен рок за плаќање.
Сите права се задржани. ЕСМ снабдување со топлина 2022