ИНФОРМАЦИЈА ЗА УСЛОВИТЕ ЗА ИСПОРАКА НА ТОПЛИНСКА ЕНЕРГИЈА НА ПОЧЕТОКОТ НА ГРЕЈНАТА СЕЗОНА

Почитувани потрошувачи,

 

Испораката на топлинска енергија се одвива во согласност со одредбите од Мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија и Правилата за снабдување со топлинска енергија, одобрени од Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија. Овие подзаконски акти ги дефинираат условите и начинот на испорака на топлинска енергија до крајните потрошувачи. Во согласност со регулативата, снабдувањето со топлинска енергија на потрошувачи во месеците октомври и ноември, односно на почетокот на грејната сезона, зависи од надворешните температури и атмосферските услови во различни периоди од денот.

 

Во периодот до 15 ноември, при високи надворешни температури на воздухот и при одредени атмосферски услови, испораката на топлинска енергија може да биде прекината во периодот од 06:00 до 22:00 часот. Кога надворешните дневни температури ќе достигнат одредени гранични вредности при точно дефинирани атмосферски услови, се прекинува испораката на топлинска енергија, односно системот за централно греење се исклучува. По дневниот прекин на испораката, кога надворешните дневни температури ќе паднат под одредени гранични вредности, повторно започнува испораката на топлинска енергија, односно централното греење повторно се вклучува. Дополнително, по дневниот прекин на испораката, топланите не испорачуваат топлинска енергија ако во 18:00 часот надворешната температура е еднаква или повисока од 15°C и не е прогнозиран значителен пад на надворешната температура. Со ваквиот начин на регулирање се обезбедува оптимална потрошувачка на топлинска енергија и се сведуваат на минимум трошоците за греење на потрошувачите.

 

За сите евентуални непланирани прекини во испораката на топлинска енергија, граѓаните ќе бидат навремено информирани преку официјалната веб-страница на ЕСМ Снабдување со топлина, каде што редовно се објавуваат актуелните информации за состојбата со снабдувањето.

 

За дополнителни информации, пријавување дефекти и известување за завршени интервенции, потрошувачите можат да се обратат до Центарот за грижа на потрошувачи на ЕСМ Снабдување, на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100, како и до службите на ЕСМ Енергетика на телефонските броеви 02 3104 816 и 02 3104 872.

Архива на известувања